Военомедицинската академија во Софија објави дека го суспендира докторот од Македонија кој прегазил куче со својот автомобил. Сепак, дисциплинската мерка е само привремена, во исчекување на одлуката на истражните органи, јасно се наведува во ставот на воената болница.
„Во врска со инцидентот во главниот град, во кој беше вклучен вработен во медицинската установа, ве известуваме дека Военомедицинската академија како институција има надлежност да се произнесе за професионалните квалитети на д-р Ненад Цоневски, а не за неговите лични“, се наведува во ставот на медицинската установа.
„Во овој поглед, Военомедицинската академија обезбедува целосна соработка со надлежните органи кои се ангажирани во разјаснувањето на случајот – Службата на воената полиција, Военото обвинителство, Софиското регионално обвинителство, Третата регионална дирекција, Инспекторатот при Министерството за одбрана“, се наведува од болницата каде што работи торакалниот хирург од Македонија.
„Д-р Ненад Цоневски нема да врши службени должности додека не се завршат сите дејствија. Военомедицинската академија не толерира акти на агресија и повици на насилство, без оглед на тоа кон кого се насочени“, се вели во официјалното соопштение.
Објавени се снимки од надозрни камери кои покажуваат како Цоневски го гази кучето, излегува од автомобилот, го гледа згмеченото куче, се враќа во автомобилот и вози преку кучето и заминува. Во исто време, тој тврди во полицијата дека го прегазил ненамерно.
Вознемирувачко видео:
Соседите од маалото кои се грижеле за кучето, за кое велат дека било мирно и старо 12 години, организираа протест со барање да бидат применети најстоги казни.
Лекарот веќе ја напуштил зградата каде што живеел до инцидентот, а гаражите биле обоени со натпис „Убиец“. По испрашувањето од страна на полицијата, тој бил ослободен, но против него е покрената претходна постапка.
Според најновите измени во Кривичниот законик во Бугарија, Македонецот може да биде осуден на казна затвор до 5 години за смртта на животното, а доколку се утврди дека делото е извршено со посебна суровост, му се заканува казна затвор до 8 години.