ОРМ: Не е најдено долгорочно решение за стабилизирање на цените, бидејќи мерките се краткотрајни и наметнати

од Илинка Илиоска
72 прегледи

Организацијата на потрошувачи нема дилема дека есенската кошничка е мерка којашто ќе помогне потрошувачите да дојдат до бараниот производ по нормална цена, но за нив останува спорен фактот што таа ќе важи едвај еден месец. За нив е оправдан стравот на граѓаните дека по истекот на тој месец, ќе дојде до ситуација со поголемо покачување на цените како што се случи неодамна.

До вакво енормно покачување на цените немаше да дојде доколку мерката за ограничување на цените на производите преку т.н.„гарантирана цена“ не беше укината во периодот на избори. Во тој период бевме исклучиво против престанување на ваквата мерка, а истакнувавме дека Законот за нечесна пазарна пракса ќе стапи на сила дури по шест месеци од неговото донесување, односно во септември, а дотогаш трговците ќе ги вивнат цените за да ги надоместат изгубените профити од времетраењето на мерката за гарантирани цени. Тоа го прават краткотјаните мерки, кои се добри како мерки но треба да бидат долготрајни, вели во изјава за Локално, првиот човек на Организацијата на потрошувачи, Д-р Марија Лончар Велкова, потенцирајќи дека во меѓувреме треба да се применат и друг тип механизми како покачување на платите и пензиите, поголема конкурентност отвореност на пазарот, поголема понуда на производи и услуги. Во услови на краткотрајни и наметнати решенија, вели таа, потрошувачите купуваат тоа што е евтино а не тоа што им е вкусно.

Не е најдено долгорочно решение затоа што тие мерки се сепак наметнати и краткотрајни. Бизнис секторот знае дека без потрошувачите нема да опстанат, па затоа мора да се грижат тие да бидат задоволни и да не чуствуваат вакви вештачки креирани ценовни удари, со цел некој да се збогати а другите да осиромашат (овде спаѓаат не само потрошувачите туку и производителите и добавувачите). Потрошувачите веќе почнуваат да отстапуваат од купување на преферираните производи и се определуваат да купат други со пониска цена или кои се на акциска продажба. Дополнително потрошувачите се погодени и од т.н шринкфлација а тоа е намалување на грамажата на пакуваните производи па потрошувачите купуваат количински помалку, објаснува Лончар.

За неа се спорни неколку ставки а меѓу нив е и тоа што најавената есенска кошничка нема да важи цела сезона, туку ќе трае само 30 дена .

Најавено е дека есенската кошничка ќе трае еден месец, па е малку збунувачки затоа што есента трае три месеци. Потоа ќе се воведе новогодишна, итн. Всушност се работи за краткотрајни мерки, па се поставува прашањето дали со стапувањето во сила на Законот за нефер трговски практики најавено овој месец, овие 100 производи кои би се продавале со цена каде вкупната маржа би била 10% само ќе се опфатат со тие 2500 производи, односно дали новата вкупна маржа за овие 100 производи всушност ќе биде 10% или 20% кога ќе стапи на сила Законот за нефер трговски практики. Останува да видиме, подвлекува Лончар Велкова. Смета дека во креирање на ценовната политика би било добро да можат како Организација да ги претстават интересите на најголемата економска група-потрошувачите преку дијалог меѓу синдикатите и бизнис секторот.

Есенската кошничка според последните најави на Министерството за економија ќе содржи 73 производи со ограничени маржи, како што се брашно, леб, пекарски производи, млеко и млечни производи, месо и негови преработки, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, тестенини, масло за јадење, конзервирани производи. Овие производи се избрани врз основа на статистичките податоци кои говорат дека од декември 2023 до август 2024 г, цените на храната се зголемиле за 4% од кои најмногу кај овошјето 10,9%, кај млекото, сирењето и јајцата 6,6%, месото 3,6% и кај лебот за 2%. Во истиот период безалкохолните пијалаци поскапеле за 9,4%. Новите цени ќе важат со објава на одлуката во службен весник и ќе бидат на сила до 31 октомври. Носењето на Законот за нефер трговски практики се пролонгира за крајот на следниот месец а ограничена маржа ќе добијат 2548 производи.

К.В.С

Слични содржини