Ѓурчески: Ковачевски веднаш да го разреши Димовски за пасошот на Онишченко, вината е кај АНБ

од Nikola Popovski

Случајот „Двојник“ и ова со Онишченко можеби се во истата шема, но тогаш не ги извадивме сите 215 пасоши на припадници на организиран криминал. Се уште не знаеме кој се има добиено македонски пасош. Во конкретниот случај со Украинецот, станува збор за лице кое што бара македонско државјанство. Тоа се добива по основ на родители, по раѓање на територија на земјава и по натурализација. Кога имаме со натурализација, секогаш прво се гледаат доприносот на странката за интересите земјава, дали се спортски, културни, бизнисмени, вели во разговор за „Локално“ поранешниот началник во Министерството за внатрешни работи и помошник-директор на Криминалистичка полиција, Љубомир Ѓурчески за случајот со Украинецот Олександар Онишченко и добивањето на македонски пасош.

Тој информира дека во вакви случаи различни институции се јавуваат како баратели за одобрување на македонско државјанство.

-Во случајот Агенцијата за млади и спорт е подносител на барањето, но пред да се одобри, се вршат безбедносни проверки. Има мал дел кој го врши МВР, дали лицето престојува овде, каде е пријавен, живеалиште итн. Главниот дел кој што е најбитен дали ќе добие државјанство, ѝ припаѓа на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) со Агенцијата за разузнавање. АНБ со закон е должна да постапи и да ги исконтактира меѓународни служби со кои што ние имаме потпишано меѓународни договори. Лицево е барано од Украина, истакнува Ѓурчевски.

Според него, во случајов ирелевантно е дали Онишченко е безбедносна закана за Македонија, иако постои закана.

-Ова лице е поголема закана за Украина и САД. Затоа Американците го ставиле на црна листа. Тука директорот на АНБ, Виктор Димовски направил најголеми пропусти. АНБ била должна да ги исконтактира американските служби, штом си потпишал како држава регулирано со меѓународен договор. Тоа лице со оглед дека против кое што се води кривична постапка во пријателска држава и најтешка форма на перење пари. Суштината на тоа кривично дело е легализација на парични средства стекнати од трговија со човечки органи, трговија со оружје, дрога итн, појаснува тој.

Ѓурчевски е дециден дека „САД не ставаат некој туку така на црна листа“.

-Што ако Онишченко перел пари за интерес на актуелната влада? Ова е теза за размислување. И сега некој ќе се „пере“ во Собрание во среда, ќе засака да го прикријат. Сега АНБ е под директна надлежност на премиерот. Наместо премиерот веднаш да го разреши Димовски, ние директорот на АНБ го спремаме за амбасадор во Франција. Тој треба да понесе и кривична одговорност. АНБ кога ја издале согласноста и одобриле државјанство, МВР само постапува, полицијата си е покриена, таа нема одговорност. 90% од одговорноста е кај АНБ, а 10% на Агенцијата за разузнавање, потенцира поранешниот началник во МВР.

На прашањето треба ли промени во начинот на кој институциите даваат позитивна оценка за доделување државјанство и каде го гледа „проблемот во системот“, Ѓурчески оценува дека ние имаме добар закон за стекнување со државјанство.

-Јас бев за намалување на годините од 15 на 8 години активен престој во земјава со работа, па дури после тоа да поднесеш барање. Генерално како што е законски регулирано, добивањето на државјанство на Македонија без овие редовни постапки како што е раѓање на територија и по потекло не е проблем. Ние како држава не се заштитивме. Во овој закон за добивање државјанство, треба само да ја вратиме одредбата 15 години престој. Во делот на доприносот, јас сум поборец за издавање на државјанство на лица кои тука ќе развиваат бизнис и ќе вработуваат, со јасни и гласни проверки. Не може на пример Ел Чапо да дојде и да ви каже ќе вложам јас 5 милијарди? Ти ќе вложиш, ама тие пари се од дрога, порачува Ѓурчески.

Олександр Онишченко

 

Порталот „Призма“ во петокот објави дека украинскиот политичар Олександр Онишченко, кој фигурира на листата на санкции на САД, во Македонија добил државјанство како истакнат спортист кој се натпреварува како македонски репрезентативец во коњички скокови. Пет месеци откога го добива македонското државјанство, тој настапува под македонското знаме на натпревар во коњски скокови, во Сен Тропе.

На украинската политичка сцена, името на Онишченко се спомнува како на поранешен пратеник што избегал од земјата во 2016 година, откако тамошната Антикорупциска комисија отворила истрага за него за перење пари и корупција.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски наведе дека три институции, Агенцијата за национална безбедност, Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт биле надлежни и доволни да се прифати барањето за државјанство.

Премиерот Ковачевски најави преиспитување на случајот.

Н.П.

Слични содржини