Јакимовски за нападнатиот советник од Карпош: Беше алармирано дека момчето е под постојани закани

од Берта Китинска
242 прегледи

На полицијата и се предадени снимките, кажа денеска градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во врска со немилиот настан кој се случи во Општина Карпош, каде што бил физички нападнат Советник од Општината.

-Очекувам и инсистирам, вчера на полицијата им беа дадени снимките од безбедносните камери, дека ќе направат детална истрага имајќи во предвид дека случајот веќе пред еден месец беше пријавен во полиција и беше алармирано дека момчето е под постојани закани кои што доаѓаат од врвот. Ако обезбедувањето на Мицкоски му се заканува, што тоа значи. Ако овие луѓе сега се поставуваат вака, што ќе значи кога ќе дојдат на власт, ако дојдат , изјави Јакимовски.

Тој потенцираше дека Советникот имал за среќа лесни телесни повреди, но дека овој чин е за секаква осуда.

Вчера беше нападнат советникот во Општина Карпош Александар Илиески од непознато маскирано лице. Нападот се случил во 7.40 часот пред трговскиот центар Антико во Карпош 4, додека Илиевски одел на работа. Непознатиот напаѓач ненадејно го нападнал при што му задал неколку удари во лицето од кои му нанел видливи повреди. За среќа, инцидентот бил забележан од граѓани кои притрчале на помош, по што напаѓачот избегал, соопштија од општина Карпош.

Илиески, кој е дел од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош во изминатиот период јавно изразувал несогласување со политиките и одлуките на партијата, велат од општината.

-Поради неговите ставови, советникот во повеќе наврати се жалеше дека добивал сериозни закани по живот преку СМС пораки од непознати броеви, како и од страна на висок општински функционер во ВМРО-ДПМНЕ во разговор со неговиот татко. Од Илиески се барало да се откаже од советничката функција во Општина Карпош, а за возврат партијата би му ги исплатила паушалите до крајот на советничкиот мандат. Доколку не го стори тоа му било порачано дека може да му се случат „лоши работи“. Сите овие закани веќе се пријавени во МВР. Александар Илиески, веднаш по инцидентот беше во полициска станица Карпош каде што даваше изјава за физичкиот напад, се додава во соопштението.

Слични содржини