Јосифовски за „Бизнис инфо“: Угостителите целосно се откажуваат од своите добивки за да ги одржат во функција своите објекти

од Vladimir Zorba
315 прегледи

Агонијата со пандемијата Ковид-19 и вртлогот од ценовните шокови на енергенсите и суровините во кои западна угсотителската индустрија изминатиот период тешко дека ќе може преку ноќ да се надминат. На угостителите им следува тежок период на истрајност, трпеливост и континуитет во своето работење со цел да исчекаат нормализирање на животот во надеж дека полека ќе се вратат поголем дел од постојните навики на социјализација која се одвиваше во угостителските објекти, вели Здравко Јосифовски претседател на Независната угостителска комора (НУК) во интервју за „Бизнис Инфо“.

Недостатокот од професионални угостителски работници, вели тој, е се уште присутен и ќе биде хронично присутен во наредниот период. Во однос на масивните отпуштања, смета дека угостителите никогаш не би ја примениле мерката на било какви отпуштања на свои вработени доколку не бидат приморани поради економски неисплативо работење.

-Се повеќе се појавува нова времена потреба на угостителски работници за време на т.н. пикови во работењето на угостителските објекти, како што се ударни вечери или настани кои се генерално во петок и сабота со која се соочуваат во моментот и за која нема алтернативно решение. Едно е факт – угостителите се спремни и се повеќе се откажуваат и целосно од своите планирани добивки кои ги остварувале во овој и во наредниот период се со цел да ги одржат во функција своите угостителски објекти, посочува Јосифовски.

За енормното покачување на цените во угостителските објекти, претседателот на НУК вели дека корисникот и гостинот секогаш ќе замерат на угостителот дека било какво покачување е нереално направено.

– Замислете само ако еден угостителски објект за својата затворена зимска тераса од 60-80 м2 за затоплување да овозможи пријатна атмосфера на своите гости за кафе, пијалак или ручек/вечера минатите години трошел помеѓу 25 и 35 илјади денари за користени енергенси без разлика дали било струја, плин или дрво сега трошоците за истото изнесуваат најмалку 3 пати повеќе, вели тој.

Слични содржини