Беа потребни речиси шест месеци, осум посети на европски дипломати во Белград и десет посети на Приштина за единаесетте точки од договорот за односи меѓу Србија и Косово да бидат договорени и откриени во јавноста – но не и потпишани. Европскиот комесар за надворешна политика, Жозеп Борел, по завршувањето на бриселската рунда преговори меѓу Србија и Косово објави дека претседателот Александар Вучиќ и премиерот Албин Курти се согласиле дека натамошните дискусии за текстот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина не се неопходни.
Во првите пет реченици од преамбулата (воведниот дел) на договорот е наведено дека двете страни договорот го склучуваат поради одговорност во зачувување на мирот, посветеност на регионалната и европската соработка, како и надминување на наследството од минатото. Во членот 10 потписниците се потсетуваат на обврската да го исполнат сето она што беше претходно договорено во дијалогот, но изрично не се споменува формирањето на Заедницата на српските општини, договорено во Бриселскиот договор од 2013 година. Темата околу ЗСО стана актуелна и во Македонија, после предлогот на Алтернатива за формирање на т.н. „Заедница на албански општини“. Милица Андриќ-Ракиќ, претседателка на НВО „Нови социјални иницијативи“ од Косовска Митровица објаснува за „Локално“ ЗСО не е добар модел за регионот.
-Тоа е модел специјално создаден за српската заедница во Косово бидејќи системите кои обезбедуваат клучни услуги во општините со мнозинско српско население во голема мера се разликуваат од системите што постојат во остатокот од Косово. Овде се работи пред се за начинот на кој се организирани здравствените и образовните институции. Интеграцијата на таквите системи во косовскиот институционален систем, а со тоа и консолидацијата на тој систем не е можна без преодни институции, смета Андриќ-Ракиќ.
Децидна е дека формирањето на ЗСО е првенствено неопходно за стабилизација на косовските институции на северот и враќање на над 3 илјади Срби и претставници на другите заедници во судството, полицијата, обвинителството, општините и другите институции.
-Секој договор може да придонесе за смирување на тензиите, но само доколку се пристапи со добра волја кон спроведувањето. И тоа не беше случај до сега. Затоа сум доста скептична дека договорот, доколку го има периодов, навистина може да го прекине циклусот на кризи што ги имавме од почетокот на 2021 година, порачува соговорничката.
Важно е да се нагласи дека формирањето на ЗСО, додава Ракиќ, подразбира трансформација на институционалниот систем, така што затворањето на српските и формирањето на косовските институции и таквите процеси носат сериозни ризици бидејќи заедницата не знае дали оваа трансформација ќе значи и пад на квалитетот на услугите.
-Ова е нешто што секоја заедница што сака да размисли за целосно децентрализација на клучните услуги и пренесување на одговорноста од централните на локалните институции треба да го има на ум. На пример дека пред српската заедница во Косово навистина има избор, мнозинството не одлучи да го напушти системот што го има, туку во случај интеграцијата да стане политичка обврска на Србија (како што се случи во 2013 година кога Србија се обврза да ги интегрира судството и полицијата ), тогаш заедницата барем очекува институционално решение што ќе го наруши стандардот и квалитетот на услугите што постојат, појаснува Ракиќ.
Соговорничката не смета дека децентрализацијата е лоша за регионот, но потенцира дека може да биде успешна само ако е придружена со фискална децентрализација, бидејќи зголемувањето на надлежноста на општините мора да биде придружено со зголемување на буџетот.
-Во спротивно, парите за тоа мора да доаѓаат од други извори. И додека српската заедница во Косово е мала и може да очекува долгорочно финансирање од Србија, прашањето за сите други заедници кои би го сакале тој модел за себе, е од каде ќе дојдат парите?, истакнува Ракиќ.
Српскиот политички аналитичар Жељко Ињац смета дека ЗСО е единствениот гарант за основните човекови права за Србите на Косово и Метохија и дека е неопходно Западот и Брисел да дадат такви гаранции. Тој во разговор за „Локално“ вели дека има безброј напади врз српското цивилно население и дека загрозени се животите и имотот на Србите на Косово и Метохија.
-Нема сличност меѓу позицијата на Албанците во Македонија и Србите на Косово и Метохија. Кога Македонците ќе протераат 200.000 Албанци и ќе урнат најголем број од нивните верски места и гробишта, ќе им го узурпираат имотот, тогаш Албанците во Македонија ќе имаат причина да бараат Заедница на нивните општини, дотогаш ова е едноставно големоалбанска аспирација, оценува Ињац.
Околу предлогот на партијата Алтернатива за Заедница на албански општини во Македонија налик на ЗСО, аналитичарот вели дека позицијата на Србите на Косово и Метохија не е споредлива со положбата на Албанците во Македонија.
-На крајот, нема обврзувачки документ за државата Македонија да обезбеди некаков посебен статус на Албанците во Македонија, за разлика од бриселскиот договор, кој Албанците на Косово и Метохија го игнорираат десет години, порачува Ињац.
Додава дека Албанците во Македонија не само што учествуваат во секоја влада, туку честопати се на врвот на одлучувњње за судбината на Македонија, дури и на штета на македонските национални интереси.
-Воведувањето некаков посебен статус на албанските општини во Македонија само би довело до дополнителни конфликти со мнозинското население, смета аналитичарот.
Н.П.