Денес претседателот на Собранието, Талат Џафери оствари средба со претставниците на Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д–р Ангел Ристов, претседател на Синдикат на УКИМ; проф. д- р Марјан Јованов и м – р Илија Манасиев, на која му доделија Плакета за особени заслуги и придонес во достигнувањата на Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ, како највисоко признание кое го доделува Синдикатот.
На средбата, претставниците на Синдикатот му се заблагодарија за визионерството и одлучниот чекор кој што претседателот на Собранието го презеде со потпишување на Колективниот договор со Синдикатот на УКИМ, со кој се регулираат платите на наставниот и ненаставиот кадар на УКИМ.
„Ретки се државниците кои ја разбираат и поддржуваат науката, вашето разбирање на значењето на науката значи инвестиција во младите, иднината и напредокот, а во исто време значи превенција од ерозија на државата. Потпишувањето на Колективниот договор со УКИМ од страна на претседателот на Собранието остава трага во историјата и ќе значи поттик, признание и двигател за науката, согласно заложбите и посветеноста на вработените“, подвлече Ристов.
Претседателот Џафери нагласи дека потпишувањето на Колективниот договор е законска обврска на Собранието, но таа обврска не е автоматска или следствена и упати порака до универзитетите да ги извршат подготовките, да ги презентираат своите ставови и да укажат на потребите од вакви колективи договори.