Финалниот колективен договор ќе биде потпишан најдоцна до 29-ти декември годинава е епилогот од средбата помеѓу Сојузот на синдикати на УКИМ и претседателот на Собранието Талат Џафери во однос на барањето на синдикалците за нов колективен договор и зголемување на платите на вработените.
Според Синдикатите при УКИМ тоа е голема победа и радосна вест за вработените на Универзитетот.
-После две години правна борба, успеавме да дојдеме до ова ветување, со тоа што на следната средба ќе имаме средба и со министерот за финансии во однос на нашите барања. Доколку не наидеме на разбирање на нашите барања за 25% покачување на платите во наредните четири години, тогаш Собранието ќе го потпише нашиот колективен договор, изјави претседателот на Сојузот на синдикати на скопскиот универзитет, Ангел Ристов.
Станува збор за колективен договор кој ги застапува интересите и на наставниот и ненаставниот кадар.
Средбата се одржа врз основа на барањето на Синдикатот на Скопскиот универзитет за мирно решавање на колективен спор со посредство на помирувачот, адвокатката Мимоза Салтирова, согласно Законот за мирно решавање на работните спорови.
Собранието е основач на Универзитетот.