Џафери-Милков: Од суштинско значење е подобрување на билатералните односи со Бугарија

од Nikola Popovski
124 прегледи

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Николај Милков и изрази задоволство од интензивата соработка меѓу двете земји. Соработката секако треба и понатаму да се продлабочува, заради продолжување на процесот на проширување на Европската унија, но и во светло на геополитичката состојба во која се наоѓа европскиот континент, особено по воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Нагласи дека Република Северна Македонија постојано вложува напори за градење на добрососедски односи и регионална соработка со сите земји во регионот и пошироко, при што од суштинско значење за нашата земја е подобрувањето на билатералните односи со Република Бугарија. Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година е значаен напредок во историјата на односите меѓу двете земји и претставува добра основа за унапредување на соработката меѓу двете земји.

Претседателот Џафери го поздрави и одржувањето на Првата политичка Меѓувладина конференција со ЕУ во јули оваа година, што резултираше, по спроведени опсежни политички меѓупартиски консултации за Преговарачката рамка и со усвојување на конкретни собраниски заклучоци со кои се задолжи Владата преговорите да ги води на рамноправна и принципиелна основа, со почитување на нормите на меѓународното право. Истакна дека очекува во иднина парламентарната соработка меѓу двете земји да продолжи да се динамизира преку повеќе контакти, како на највисоко така и на ниво на парламентарни комисии и пратенички групи.

Министерот Николај Милков се заблагодари и изрази вистинска почит кон претседателот Џафери за неговата лична улога во изградбата на мултиетничкото општество во Северна Македонија. Информираше за денешното отворање на македонско – бугарскиот Бизнис форум во Скопје, на кој учествуваат повеќе од 150 стопанственици од двете земји и за кој интересот постојано расте. Истакна дека во иднина треба да се посвети поголемо внимание и интерес за подобро инфраструктурно поврзување преку Коридорот VIII, со што ќе се поврзе Црното со Јадранското море и ќе се овозможи поголемо влијание на регионот на светско ниво.

Двајцата соговорници се согласија дека добрите економски односи мора да бидат придружени со добри политички односи затоа што само на тој начин односите меѓу двете држави ќе се движат во нагорна линија. Се согласија дека е потребно двете земји да воспостават продлабочен и суштински дијалог со цел да се изнајдат пријателски и конструктивни решенија, кои ќе ги задоволат двете страни во рамките на нивните национални интереси и позиции.

Слични содржини