Не и е лесно на Барселона деновиве. По Рафаел Надал, кој иако е роден во нивно соседство, иако вујко му беше стопер на „Ноу Камп“, никогаш не криеше дека Реал Мадрид е во неговото срце, сега приказната се повторува со уште една шпанска тениска мега ѕвезда.
Навивач на кралскиот клуб е и Карлос Алкараз, а тоа го потврди со гостувањето кај рекордерот по број на освоени пехари во Лигата на шампионите пред натпреварот против Севиља.
⚽✖️🚗✖️🎾
👉 @CarlosAlcaraz
👉 @Oficial_RC3#RethinkTheGame | @BMWEspana pic.twitter.com/qFPjxWVhSH— Real Madrid C.F. (@realmadrid) December 24, 2024
– Подготвен сум! Можам да играм на лево крило – изјави третиот тенисер во светот, кој низ комплексот Валдебебас на периферијата на Мадрид го прошета легендарниот ас на клубот, Роберто Карлос. „Анчелоти ми кажа дека има место за мене. Ме чека дресот. Можам да влезам во средината и да ја шутирам топката со фелш“.
Единствен проблем може да биде фактот што Реал е најсилен на таа позиција. На него се и Мбапе и Винисиус.
Се возеа со автомобили и цело време добро се забавуваа. Алкараз уште еднаш покажа колку е опуштен и колку сака да се шегува. Секогаш расположен, 21-годишниот Шпанец знае да ужива во статусот на голема ѕвезда.
Потоа гостуваше на телевизијата Реал Мадрид во друштво на Флорентино Перез, претседателот на „белите“. Му подари и дрес на Реал Мадрид.
– Беше феноменално, ова никогаш нема да го заборавам – раскажа Алкараз за гостувањето – Имав можност да се запознаам со сите фудбалери, иако не сакав да ги вознемирувам бидејќи сум свесен за важноста на концентрацијата пред натпреварот.
– Феноменално е тоа што го постигна Алкараз – додаде Роберто Карлос.
Реал победи со 4:2, па можеби повторно ќе го повика четирикратниот Гренд слем шампион на гости.
Алкараз наскоро ќе замине во Австралија каде до почетокот на првиот Гренд слем сезонава ќе одигра само два егзибициски меча во хуманитарни цели против Алекс де Минор и Алексеј Попирин.