Родителите на настраданите млади во трагедијата во клубот „Пулс“ во Кочани упатија силна порака до Јавното обвинителство, барајќи целосна одговорност од сите институции кои, како што велат, со години замижувале пред нерегуларностите. „Ако вие не знаете кој е виновен – ние ќе ви кажеме“, порачаа родителите.
Тие тврдат дека објектот работел без одобрение за пренамена, наемнината се плаќала на рака, а институциите како ДПИ, МВР, УЈП и Општина Кочани, не извршиле никаква контрола. Според нив, клубот „Пулс“ работел со фалсификувана лиценца, иако законот бара Министерството за економија да го потсетува сопственикот за истек на важноста. „Цела година работеле нелегално – дали некој проверил?“, прашаа родителите.
Посочуваат дека ПУЛС работел и со блокирана сметка, а УЈП не го затворила навреме, иако имало основ. Контрола од УЈП во декември 2024 покажала дека не се издавале фискални сметки, а клубот бил казнет, но не и затворен, тврдат родителите. Особено внимание посветија на улогата на МВР – институција што има обврска да контролира паркинг, ред и мир, работно време, присуство на малолетници, употреба на пиротехника и алкохол. Прашуваат дали е утврдено кој ги набавил и ракувал со пиротехничките средства и дали лицата имаат дозволи и обука.
„Државата мора да докаже дека законот важи за сите. Не е доволна смената на командири и началници – бараме темелна истрага“, порачаа родителите. „Нема да застанеме. Ќе ја бараме правдата до крај – и тука, и во меѓународни размери“.