🎥 Два пожари беснеат кај Атина, изгорени куќи, луѓето бегаат

од Илинка Илиоска
18 прегледи

Поради двата големи шумски пожари кои беснеат во близина на Атина, локалните власти издадоа итни наредби за некои жители да се евакуираат, а други да останат дома и да ги затворат прозорците за да се заштитат од чадот.

Првиот пожар избувна во раните попладневни часови и се приближуваше до пристаништето Лаврио на околу 60 километри југоисточно од Атина. Локалните власти соопштија дека изгореле најмалку четири куќи и неколку автомобили. Нема информации за жртви.

Вториот пожар подоцна започна северно од Атина во близина на предградието Стамата. Гореше низ грмушки и шума и се движеше кон планината Пентели, една од четирите планини што ја опкружуваат областа на главниот град.

Оваа земја секоја година е жртва на пожари, а годинава се очекува ситуацијата да биде уште понапната поради најблагата зима досега забележана во Грција, како и најраниот топлотен бран, со температури кои веќе достигнуваат до 44 степени целзиусови.

Вкупно 230 пожарникари, 17 авиони и 12 хеликоптери се обидувале да ги изгаснат двата пожари, соопшти противпожарната служба, но авионите и хеликоптерите можат да работат само на дневна светлина.

Слични содржини