🎥 Емотивно збогување со Ришар Гаске на Ролан Гарос: Крај за една француска тениска легенда

од Љубиша Владимиров
9 прегледи

По очекуваната победа на Јаник Синер, со која италијанскиот ас се пласираше во третото коло на Ролан Гарос и го продолжи својот неверојатен низ од 16 последователни победи на Гренд слем турнирите, фокусот на вечерта сепак беше насочен кон еден од најсаканите француски тенисери – Ришар Гаске.

На 38-годишниот Гаске му беше приредено емотивно збогување на главниот терен „Филип Шатрие“, каде што му беше врачена посебна награда – трофеј со пресек на сите слоеви од земјената подлога што го прави овој терен еден од најпрепознатливите во светот. Публиката имаше можност да се потсети на најзначајните моменти од кариерата на Гаске, која траеше повеќе од две децении.

Се сеќаваме на малиот Ришар кој, како 10-годишно момче, се појави на насловната страница на француското тениско списание со наслов: „Шампионот што Франција го чека?“. Иако никогаш не успеа да стигне до врвот на светскиот тенис, како што направија Ѓоковиќ, Надал и Федерер, Гаске покажа дека заслужува посебно место во историјата на овој спорт.

Најголемиот блесок во младоста го имаше во 2005 година, кога како 18-годишник го победи тогаш доминантниот Роџер Федерер во Монте Карло, спречувајќи го да се соочи со Рафаел Надал во полуфинале – пресметка што подоцна стана класика на земјени терени.

Во текот на својата кариера, Гаске се искачи до седмото место на АТП листата, трипати стигна до полуфинале на Гренд слем турнирите (двапати на Вимблдон и еднаш на УС Опен), иако не успеа да освои трофеј на Мастерс 1000 турнирите, и покрај трите финалиња (двапати во Торонто, еднаш во Хамбург).

Сепак, неговото име останува запишано со 16 АТП титули од вкупно 33 финалиња, последната освоена во Окленд во 2023 година. Освои и бронзен медал во дубл со Жулиен Бенето на Олимписките игри во Лондон 2012, а беше дел од репрезентацијата што го освои Дејвис купот во 2017 година и играше финале во 2014.

Гаске ќе остане запаметен и како првиот француски тенисер што одиграл над 1000 натпревари (вкупно 1018, со биланс 610 победи и 408 порази).

Со ова, Франција се збогува со еден од своите најконзистентни и најелегантни тенисери – човекот кој иако не ја исполни целосно пророштвото од детството, сепак остави длабока трага во светскиот тенис.

 

Слични содржини