🎥 Хаос во Билбао пред финалето на Лигата на Европа: Англиски навивачи ги окупираа улиците

од Марта Пешевска
115 прегледи

Во пресрет на финалето на Лигата на Европа, кое ќе се одигра денес од 21 часот на стадионот „Сан Мамес“ во Билбао, Шпанија, навивачите на англиските клубови Тотенхем и Манчестер Јунајтед предизвикаа сериозни нереди во градот. Иако секој клуб доби по 15.000 билети, во Билбао пристигнаа над 80.000 англиски фанови.

Локалните власти распоредиле околу 2.000 полицајци низ градот, но и покрај тоа, сцените од улиците покажуваат дека навивачите излегле од контрола. Според „Дејли меил“, фановите се качувале на семафори и оставале купишта празни чаши и шишиња зад себе. Шпанскиот весник „Ел Корео“ пренесе дека навивачи на Тотенхем уништиле два семафора, кои потоа ги кренале како трофеи. Најмногу од нив се собираат на улицата „Џој Стрит“, додека фановите на Јунајтед се концентрирани на плоштадот „Њу Сквер“.

Во текот на вечерта биле пријавени и физички конфликти. На „Њу Сквер“ неколку навивачи на Јунајтед нападнале друг фудбалски фан, по што интервенирале осум полицајци. Исто така, биле пријавени случаи каде што навивачи на Тотенхем фрлале пиво врз фанови на Јунајтед, а еден дури и повратил среде улица. Мирна атмосфера владее само на шеталиштето Ел Аренал, каде што полицијата е масовно присутна и не се регистрирани инциденти.

Во вторник вечерта, нови немири се случиле и во градот Сан Себастијан, околу 100 километри од Билбао. Таму, по вербална расправија, дошло до физички судир помеѓу навивачи, при што еден бил удрен со тупаница и соборен на земја, а потоа следувале фрлања со предмети и превртени маси. Полицијата брзо интервенирала и спречила понатамошна ескалација.

Портпаролот на полицијата во Билбао изјави дека засега никој не е уапсен, ниту сериозно повреден, но потврди дека двете групи навивачи фрлале проектили едни кон други. Финалето на Лигата на Европа носи големо значење за двата клуба. И Манчестер Јунајтед и Тотенхем моментално се наоѓаат на 16-тата и 17-тата позиција во Премиер лигата и немаат шанси значително да ја подобрат својата сезона. Победникот во финалето ќе добие директно место во Лигата на шампионите следната година.

Последниот поголем успех на Тотенхем беше во 2008 година со освојување на Лига Купот, додека Манчестер Јунајтед го освои ФА Купот во 2024 и Лигата на Европа во 2017 година.

 

Слични содржини