🎥 Каселакис до Мицотакис: Ако сметате дека Договорот од Преспа е предавнички, еве Ви шанса да го поништите

од Илинка Илиоска
467 прегледи

Грчкиот лидер на партијата СИРИЗА, Стефанос Каселакис, го изрази своето мислење за Договорот од Преспа на предизборниот митинг во Солун во пресрет на европските избори на 9 јуни.  Во кратки црти, тој му порача на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дека има шанса да го поништи ако смета дека договорот е предавнички, но изрази увверување дека тоа нема да се случи.  

 

-Испраќам јасна и едноставна порака до премиерот. Договорот од Преспа е билатерален. Ако продолжувате да сметате дека е предавнички, постои само еден начин. Да го сторите она што го кажуваа вашите претставници, а многумина од нив сè уште го кажуваат: „Ако ВМРО ни даде шанса, ќе го поништиме договорот“. Ова го кажуваа. Истото го посакуваат и т.н. „борци за Македонија“ што ги вадевте на улица и се ваши гласачи: Да го поништите. Па, еве го Скопје, отидете. Да видиме. Но, нема да го сторите тоа. И знаете зошто нема да го сторите тоа? Бидејќи Договорот од Преспа е тоа што го сакавте како партија, но тогаш Груевски во никој случај не прифаќаше да направи толку отстапки, како што направија пред Владата на СИРИЗА, пред Алексис Ципрас и Никос Коѕијас, истакна Каселакис.

Каселакис истакна дека ако Мицотакис има намера да го почитува Договорот од Преспа како национално корисен, треба да им се извини на грчкиот народ, како и на поранешниот премиер Алексис Ципрас и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас. Тоа се морални предуслови, но Каселакис нема илузии дека Мицотакис ќе го стори тоа.

-Прво, ќе му се извините на грчкиот народ за омразата, поделбата, нетолерантноста што ја негувавте за да ја добиете премиерската фотелја, викајќи против Договорот, со кој се согласувавте. Второ, ќе им се извините на двајцата луѓе на кои им залепивте етикета на „национален предавник“ во време кога ја вршеа нивната патриотска должност, Алексис Ципрас и Никос Коѕијас. Тоа се морални предуслови господине премиере. Јас немам илузии дека ќе го сторите тоа, посочи лидерот на СИРИЗА.

Исто така, Каселакис се обрати до жителите на северна Грција, кои се против Договорот од Преспа. Иако не се согласува со нив, им изрази почит и искреност. Според него, оние кои ги гласаваа за поништување на договорот сега молат за негово почитување, што тој го нарекува апсолутно исмејување .

Слични содржини