Тројцата кошаркари на Партизан – Карлик Џонс, Исак Бонга и Стерлинг Браун, се огласија преку соопштение до јавноста, откако беа вклучени во инцидент што се случи пред познат ноќен клуб во Белград. Случајот предизвика бурни реакции, а играчите синоќа дадоа изјави и во полициската станица. Според официјалните информации, одредени медиуми погрешно објавиле дека и играчот Френк Ниликина бил вмешан во инцидентот.
Од клубот потврдија дека тој не бил присутен, а таквите извештаи се резултат на грешка. Дополнително, клубот соопшти дека на одредени портали се појавиле злонамерни и неточни информации со однапред смислена намера, за што адвокатите веќе преземаат соодветни чекори. Партизан најави дека нема да дава дополнителни коментари по овие прашања. Во врска со инцидентот, тројцата играчи преку заедничко соопштение се извинија на јавноста, клубот и навивачите.
Карлик Џонс истакна: „Сакам длабоко да се извинам за инцидентот што се случи. Дозволив да бидам дел од нешто на што не сум горд. Тоа не е соодветно однесување за професионален спортист и се срамам, пред се’ заради моето семејство, соиграчите, клубот и навивачите. Ветувам дека ќе извлечам поука од ова и ќе се фокусирам на кошарката и на целите на тимот. Благодарност до црно-белото семејство.“
Стерлинг Браун рече дека и покрај тоа што тие биле нападнати, свесен е дека не требало да дозволат да се најдат во таква ситуација:
Haos ispred noćnog kluba "Bank" rano ujutru u ponedeljak pic.twitter.com/FBR7wbKMNR
— sportsscandals (@sportsscandals1) May 5, 2025
„Жал ми е, бидејќи нашето однесување не беше пример каков што треба да бидеме како играчи. Му се извинувам на целиот клуб, од тренерите и соиграчите до навивачите. Сакам да се поправам на најдобар можен начин на теренот“. И Исак Бонга изрази жалење за целата ситуација:
„Жал ми е што настаните се одвиваа на ваков начин. Целосно соработував со полицијата и дадов изјава. Свесен сум дека како професионалец треба да ги одржувам високите стандарди на однесување. Му се извинувам на клубот за секое несакано внимание што можеби го предизвикав. Ова повеќе нема да се повтори“.
Клубот и понатаму ќе ги следи случувањата и ќе постапува во согласност со правилата и вредностите што ги застапува.