Австралиецот Оскар Пијастри од тимот Мекларен постигна најбрзо време во квалификациите и ќе стартува од пол-позицијата на неделната трка во Барселона. Ова е неговата четврта пол-позиција сезонава, а Пијастри веќе има и четири победи.
Неговиот тимски колега од Велика Британија, Ландо Норис, исто така ќе биде во првиот ред на стартот, што го прави Мекларен голем фаворит.
„Од самиот почеток имавме одлично темпо, а денес автомобилот беше неверојатен“, изјави 24-годишниот Пијастри, кој води и во генералниот пласман на Светското првенство.
Холанѓанецот Макс Верстапен од Ред Бул и Британецот Џорџ Расел од Мерцедес ќе стартуваат од вториот ред. Потоа следуваат Луис Хамилтон во Ферари на петтото место и Италијанецот Андреа Кими Антонели во Мерцедес на шестото место.
Пред деветтата трка од сезоната, Пијастри води со 161 бод, само три повеќе од Норис (158), додека Верстапен е трет со 136 бодови.
Големата награда на Шпанија во Барселона ќе започне во недела во 15 часот.