Стравична трагедија се случи синоќа во американската престолнина, кога 30-годишен маж, идентификуван како Елиас Родригез од Чикаго, отвори оган врз четири лица пред Еврејскиот музеј во Вашингтон. Двајца од нив, Јарон Лизински и Сара Лин Милгрим, кои работеле во израелската амбасада, починаа од здобиените повреди.
Според изјавите на сведоци, нападот се случил околу 21:05 часот по локално време, откако напаѓачот бил забележан како се движи вознемирено пред музејот каде се одржувал настан организиран од Американскиот еврејски комитет. Настанот бил посветен на градење коалиции и мостови меѓу заедниците на Блискиот Исток.
Организаторката на настанот, Џоџо Калин, изјави за Би-Би-Си дека по пукањето, вооружениот маж влегол во музејот изгледајќи збунето и потресено. Обезбедувањето го пуштило внатре мислејќи дека е сведок или случаен минувач, а не напаѓач. „Му дадовме вода, се обидовме да му помогнеме, никој не забележа оружје кај него“, рече таа.
Според други сведоци, мажот извикал „Слобода за Палестина“ и „Го направив ова за Газа“ додека бил утешуван од присутните. Подоцна, кога пристигнала полицијата, осомничениот сам признал дека тој го извршил пукањето и извадил црвен шлем од својата облека.
Шефицата на полицијата на Вашингтон, Памела Смит, потврди дека нападот бил насочен и претходел со чудно однесување на напаѓачот. Според неа, Родригез приоѓал до групата и без предупредување пукал во двајца од нив. Израелскиот амбасадор во САД, Јехиел Лајтер, со длабока тага изјави дека двете жртви биле љубовна двојка. Лизински неодамна купил веренички прстен и планирал да ја побара Милгрим за жена следната недела во Ерусалим.
„Разговаравме за мир и соработка, а бевме погодени од омраза“, рече Калин, додавајќи дека инцидентот ја потресол целата заедница.
ФБИ во соработка со локалната полиција продолжува со истрагата. Заменик-директорот на ФБИ, Ден Бонгино, изјави дека првичните информации укажуваат на чин на политички мотивирано насилство. Родригез е задржан во притвор, а мотивите и можните поврзаности сè уште се истражуваат.
Washington: The moment the murd*rer who carried out the attack near the Israeli embassy, during which 2 Israeli embassy employees were murd*red, was arrested.
He even managed to shout "Free Palestine" before being taken into custody. pic.twitter.com/O0s7HA27Yf
— David M (@DavidM67334955) May 22, 2025