🎥 Во сенката на пеколот, се роди човечност: Преживеаните од Кочани зборуваат за бугарските лекари кои им ги спасија најмилите

од Љубиша Владимиров
23 прегледи

И три месеци по страшниот пожар што ја потресе Кочани, местото на несреќата останува симбол на болка, солзи и неизвесност. Секојдневно, жители и роднини на настраданите се собираат таму, барајќи правда и одговорност, пренесува . Велат – ништо не се променило. Пожарот во дискотеката остави длабоки последици врз младите животи, а дел од повредените беа префрлени на лекување во бугарски болници во Софија, Пловдив и Варна.

Екипа на Бугарската национална телевизија ги посети преживеаните и нивните семејства, за да ги пренесе нивните потресни приказни, пренесува „Трибуна“.

Марија Коцева, една од најтешко повредените, поминала 47 дена во болницата „Пирогов“ во Софија, од кои 12 дена во кома и на респиратор. Денеска е дома, со видливи лузни на лицето и рацете, но со огромна благодарност што е жива.

„Цел ден ми беа затворени очите. Најмногу се плашев дека нема никогаш повеќе да видам,“ вели таа. Нејзиниот лекар објаснува дека изгорениците на клепачите биле критични, но благодарение на неколку операции – видот ѝ е спасен.

Мајка ѝ низ солзи се присетува на моментот кога повторно ја видела: „Само ме прегрна и рече: ‘Мамо, тука сум, жива сум’.“

Слична борба водеше и Марио, син на Љупчо Димитриев, кој преживеа тешки изгореници на 30% од телото. Неколку операции, неизвесност и болка, но и огромна волја за живот. „Кога ни рекоа дека веќе не е на респиратор, тоа беше победа,“ раскажува таткото Љупчо.

Весна, мајката на Павел – исто така сериозно повреден – вели дека секој пат кога поминува покрај изгорената дискотека ѝ се буди стравот. „Најголемиот страв во животот ми беше да не ги изгубам децата. Тоа чекање – ден по ден – беше најтешко.“

Во Кочани, Јован ја продолжува својата рехабилитација по три тешки операции на двете раце. „Најважно ми беше дали ќе можам пак да ги користам рацете. Сега веќе работам со нив. Тоа е мојата победа,“ вели тој.

Лекари од повеќе градови доаѓаат во Кочани за да помогнат во третманот на над 50 повредени. Според д-р Никола Костадинов, најчести се изгореници на рацете, вратот и рамениците. „Рехабилитацијата ќе трае и до две години. Целта ни е пациентите повторно да живеат нормално.“

Професорката Маја Аргирова од клиниката за изгореници во Софија додава дека првите денови по несреќата биле најтешки. „Станува збор за млади луѓе, дел од нив сè уште во раст. Следењето на нивната здравствена состојба ќе продолжи со години.“

И покрај сè, останува една важна порака што сите ја споделуваат:

„Најголемиот урок што го научивме е дека животот е највреден – и дека само заедно можеме да се избориме со трагедијата.“

 

Слични содржини