Во пристаништето Пиреја запленети се 200 килограми кокаин, а дрогата била скриена во кутии со ракчиња. Според првите информации, дрогата била пренесувана во контејнери од Латинска Америка, а крајна дестинација била Албанија.
Дрогата била спакувана во кутии со замрзнати ракчиња. Се споменува и дека „робата“ требало да отпатува прво во Хрватска, а потоа во Албанија, пишуваат грчките медиуми.
Медиумите јавуваат дека се уапсени четири лица, двајца грчки и двајца албански државјани.
Еден од двајцата уапсени Грци бил уапсен и во 2012 година во Костарика поради транспорт на оружје. Потоа беше екстрадиран во САД каде одлежа затворска казна бидејќи против него постоеше потерница за помагање на терористичка организација во Колумбија. Според информациите тој би пренесувал оружје, а за возврат добивал кокаин.