Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска го прославува 65-тиот роденден, а првиот потпретседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на својот профил на Фејсбук објави видео од малата веселба која се одржала токму во неговиот кабинет.
Веселбата била во присуство на тројца музичари на чифтелии и уште еден гостин кој пее во придружба на Ахмети.
Според она што го објави Груби, Ахмети ги покажал гласовните способности и талентот за пеење. На видеото може да се забележи и како чади цигара од страна.
-Ретки се луѓето кои ја следат историјата и кои ја прават историјата градејќи ја иднината. Го поздравуваме последниот преродбеник, на чело на нацијата, секогаш на вистинскиот пат! Али Ахмети со сè свето за албанството на плеќи, денеска полни 65 години, напиша Груби на својот профил на Фејсбук.
Во 2021 година, во време на пандемијата со Ковид-19, Министерството за внатрешни работи им испрати казнени налози за прекршување на мерката за носење маски во затворен простор на 15 функционери на ДУИ, по повод славењето на роденденот на Ахмети, исто така во канцелариите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Казните беа по 20 евра.