🎥Арсовска објави нови моменти од нападот во Чаир и објасни зошто не потпишала записник во станица

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска продолжи со критиките кон првиот полицаец во државата, Панче Тошковски откако беше нападната во петокот во Чаир при увид на дивоградба. Арсовска тврди дека народот гледа, „има очи и ум“и дека ова не е етнички конфликт меѓу Македонци, Албанци, Чеси или Марсовци.

„Ова е конфликт против криминалци, на територија во град Скопје каде МВР се плаши да постапува. Прво минимизирате напад, не сум била многу тепана малку сум била тепана, за на крај да збори министер на национална ТВ дека јас сум тепала мажи команданти на ОВК“, му порача Арсовска на министерот.

Според градоначалничката, полициските службеници целосно потфрлиле пред два дена.

„На терен додека смислувавте што да правите да ја заташкате работата, нѐ оставивте повеќе од 1 час да не напаѓаат вербално и физички криминалци. Во полициска станица не држевте 2,5 часа со обид да измените околности и после да прашувате зошто не потпишувам записник. Ти да потпишеш таков записник Панче! На крај доаѓа полициски службеник: Госпоѓо вие бевте нападнати – Да – мило ми е!! Што ви е мило“, објави Арсовска, споделувајќи нови моменти од немилиот настан во петокот на територија на Чаир, во близина на полициската станица.

Тошковски демантираше дека МВР не постапило за време на инцидентот.

„За денешниот инцидент факт број еден – полиција кога е повикана да дојде на местото на настанот дошла. Факт број два – Арсовска по настанување на инцидентот била повикана да дојде во полициска станица, но не дошла. Во болница биле констатирани телесни повреди, црвенила од страна на стручно лице, на левата потколеница. Откако завршил прегледот во болница, таа се упатила повторно во полициска станица, по што полициски службеници отпочнале со полициски дејствија, и во меѓувреме контактирале јавен обвинител. Лицето кое што го навела како такво е приведено, е во полициска станица и плус други две лица кои вербално се заканувале“, рече министерот во петокот.

Министерот пред два дена тврдеше дека при составување на записникот и примање на пријавата, Арсовска станала и си заминала и не го потпишала записникот.

Слични содржини