Претседателот на Република Српска, Милорад Додик на социјалната мрежа „Х“ објави фотографии и видеа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, претставувајќи ја средбата како значаен дипломатски настан. Сепак, достапните снимки од конференцијата во Ерусалим откриваат поинаква слика.
На видеото што го објави самиот Додик, се гледа како му приоѓа на израелскиот премиер по неговото пристигнување, му ја подава раката и, навидум непоканет, седнува до него. Сепак, ситуацијата набрзо се променила – реагирале организаторите на конференцијата и Додик по кратко време морал да го напушти местото.
It was a distinct honour to take part today in the Conference on Antisemitism in Jerusalem, alongside numerous statesmen and leaders from around the world. On behalf of the Republic of Srpska, I conveyed our unwavering support for the State of Israel and its Prime Minister,… pic.twitter.com/p8dbP742cS
— Милорад Додик (@MiloradDodik) March 27, 2025
На почетокот на второто видео кое беше емитувано во живо на официјалниот канал на израелскиот премиер Јутјуб, јасно се гледа дека човек од организацијата го одведува Додик од неговото место до Нетанјаху.
Пред да биде отстранет, Додик успеал да направи неколку фотографии со израелскиот премиер, кои веднаш ги објавил на социјалните мрежи. Сепак, како што наведува „Jerusalem Post“, неговото присуство на конференцијата за антисемитизам било контроверзно бидејќи во Израел станало познато дека против него е покренато обвинение во Босна и Херцеговина. Израелските власти, наводно, јасно му ставиле до знаење дека неговото учество е дипломатски чувствително прашање.
Додик ја напушти конференцијата по само еден час, а подоцна за „Jerusalem Post“ изјавил дека организаторите практично го прогласиле за персона нон грата.
„Дојдов во Израел да зборувам против антисемитизмот. Наместо тоа, се чувствував непосакувано – како гостин кој се чувствува како натрапник“, рекол тој во интервјуто кое, според гореспоменатиот медиум, самиот го иницирал.