Шест студенти кои во текот на ноќта го блокираа Правниот факултет во Белград се повредени во три инциденти предизвикани од непознати лица, објавено е на Инстаграм профилот „Студенти во блокада“.
Илјадници студенти со недели ги блокираа факултетите ширум Србија по уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, барајќи да се утврди кривична и политичка одговорност за несреќата во која загинаа 15 лица, а уште две беа тешко повредени.
Според соопштението, напаѓачите фрлале стаклени и пластични шишиња кон студентите.
„Студентка била турната по скалите и паднала на глава, а потоа заедно со уште пет студенти на Правниот факултет со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Ургентниот центар за да им биде укажана прва помош“, објавиле студентите.
View this post on Instagram
Групата студенти кои биле повредени во текот на ноќта имаат полесни повреди, соопштија утринава за ФоНет во Ургентниот диспечерски центар во Белград.
„Од она што го видовме, во делот на работата што ја работиме, тие не се значително повредени. Немале видливи повреди. Ги имаше вкупно седум“, изјавил дежурниот лекар од Итната медицинска помош.
Студентите бараат лицата кои ги нападнаа нивните колеги да бидат пронајдени, идентификувани и кривично гонети.
На снимката објавена на истиот профил на Инстаграм се гледа како полицијата апси лице осомничено за учество во нападот врз студентите.