Доцна синоќа бил вандализиран објектот на згаснатиот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, објави поранешниот претседател на клубот, Љупчо Георгиевски. Тој притоа објави видео од надзорните камери кои го фатиле моментот кога биле испишани пораките на објектот.
Георгиевски во објавата се осврнал на пораката „Македонија на Македонците“, која била испишана при вандализмот.
„Но не можеме да не обрнеме внимание на повикот „Македонија на Македонците“. Тоа е повик на историското ВМРО, поддржан и од нашиот патрон Иван Михајлов, кој во минатото имал прогресивна и инклузивна смисла — една заедничка држава на сите етноси што го населуваат географскиот регион Македонија — Бугари, Турци, Албанци, Власи и сите други“, наведува тој.
Георгиевски кој е осуден на една година условна казна затвор за величење на ликот и делото на контороверзниот лидер на ВМРО, исто така прашува кој и зошто во Македонија се обидува да ја внесе македонската тема во изборите во соседна Бугарија.
„Сите се свесни дека бугарското општество е особено чувствително на злосторствата извршени врз Бугарите од оваа страна на границата. Дали ова не е уште еден обид да се создаде оправдување за нечија неспособност или дури и нежелба да се гарантираат еднакви права на македонските Бугари, да се промени Уставот и да се исполнат преземените обврски од Планот за дејствување за правата на заедниците?“, напиша Ѓоргиевски на својот Фејсбук профил.
Во март 2023 година, културниот центар „Ванчо Михајлов“ беше избришан од Централниот регистар, откако претходно тогашниот министер за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одби барањето бугарското здружение да го користи името на оваа контроверзна личност. За здружението Ванчо Михајлов постапка поведе и Комисијата за заштита од дискриминација, по претставка на битолските борци, но тоа не ги спроведе нивните препораки и не ги отстрани спорните содржини од името, програмата и од социјалните мрежи.
Сега веќе згаснатиот клуб беше опожарен во 2022 година од страна на пејачот Ламбе Алабаковски. Тој за кривичното дело доби шест месеци условна казна.