🎥Јакимовски до Мицкоски: Ние мислевме дивоградби градела мафијата, а тоа биле твоите партнери – мало сутра ќе дивеете низ Карпош

Очигледно твојата филозофија е беззаконие, не постои премиер во светот што поддржува беззаконие - му порача Јакимовски на Мицкоски

од Nikola Popovski
426 прегледи Фото: Принтскрин

Пред три дена, премиерот Христијан Мицкоски од општина Брвеница порача дека „неговата филозофија во животот е да гради, а не да урива“. Премиерот беше запрашан од новинар дали Македонија ќе го следи примерот на албанскиот премиер Еди Рама во уривање на дивоградбите. Во однос на изјавата, со реакција се огласи градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски.

-Многу јака филозофија си имал. Ти си бил за градење, а знаеш ли дека дивоградбите не се градење туку се анархија. Очигледно твојата филозофија е беззаконие, не постои премиер во светот што поддржува беззаконие, истакна градоначалникот.

За тебе се небитни, како што вели, Јакимовски, луѓето кои што чекаат урбанистички планови, што сакаат да градат по закон, да си платат комуналии и давачки…

-За тебе се битни оние што градат на државно земјиште, без урабнистички планови и без стандарди. Ние мислевме дивоградби градела мафијата, а тоа биле твоите партнери. Затоа ли го предложи твојот другар за кандидат за градоначалник на Карпош? За да може да дивеете низ Карпош? Е мало сутра, му порача Јакимовски на Мицкоски.

Во Албанија во последниве месеци тече офанзива против бесправните градби со рушења, кривични постапки и ветувања дека кампањата ќе продолжи без прекин. Рама јавно најави „пакет мерки“ и порача дека уривањето нема да запре, додека тамошниот Државен инспекторат ги отстранува објектите што зафаќаат јавен простор и заштитени подрачја. Албанските медиуми и јавниот сервис редовно објавуваат видеа од интервенциите на терен, а меѓународните медиуми известуваат дека плановите опфаќаат стотици илјади нерегуларни градби низ земјата.