Контроверзниот лидер на бугарската партија „Преродба“, Костадин Костадинов пред бугарските медиуми во тамошното Собрание покажал фотографија од, како што вели, неформалната средба на македонскиот премиер Христијан Мицкоски со хрватскиот премиер, на која го нема знамето на Македонија, туку само знамињата на Хрватска и Европската унија.
Костадинов заклучил дека „за Мицкоски нема никаков проблем во овој случај“ и додал дека „оваа фотографија нема да се види во македонските медиуми“.
„За време на неговата неформална средба со хрватскиот премиер не се гледа знамето на РСМ и во овој случај нема проблем. Еве пример за класичниот „Б комплекс“, рекол тој, цитиран од „БТА“.
„Двете средби беа неофицијални, а и во двете протоколот не предвидува поставување на друго знаме освен она на земјата домаќин“, резимирал Костадинов.
Според неговите зборови, Мицкоски „прави проблем со Бугарија, додека молчи за Хрватска“.
„Но бидејќи на лагите им се кратки нозете, тој брзо беше фатен на дело“, рекол Костадинов во врска со фотографијата од средбата во Хрватска.
„Уште еднаш, раководството на Република Северна Македонија покажа дека постои само еден комплекс кој во голема мера ја одредува политиката на извршната власт во моментов – комплексот кон Бугарија“, коментирал лидерот и пратеник на „Преродба“ по повод завчерашното телевизиско интервју на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Костадинов во повеќе наврати испраќаше навреди и провокациите кон нашата држава, велејќи дека „Македонија е бугарска“.