Левица – Аеродром им се заблагодарува на сите граѓани што со иронија и чувство за хумор ја следат состојбата со јавните површини во нивната општина. Велат дека оваа година, под покровителство на пасивната локална власт, успеале да ја одржат „традицијата“ на непрепознатливи паркови и запуштени тревници.
-Во духот на оваа трагикомична реалност, го објавуваме и победничкиот избор за највисока трева во Општина Аеродром: Трето место – тревата висока 1.40 метри во Ново Лисиче, второ место – тревата висока 1.70 метри во населба Аеродром и прво место – магична височина од над 3 метри, со златен медал за магарешкиот трн во Реонски центар.
Овој „натпревар” е наш одговор на негрижата и неспособноста на локалната власт да одржува основна хигиена и уреденост на јавниот простор. Наместо бетон, ѓубре и неискосени тревници – граѓаните заслужуваат функционална и чиста средина за живеење, порачаа од скопскиот огранок на Левица.
Најавуваат дека ќе продолжат да укажуваат, разобличуваат и да се борат против урбанистичкото уништување и запоставувањето на јавниот интерес на жителите на Аеродром.