Лидерот на грчката десничарско-националистичка партија Грчко решение и пратеник, Киријакос Велопулос го искинал Договорот од Преспа меѓу Грција и Република Северна Македонија на говорницата во грчкиот парламент.
Постапките на Велопулос биле одговор на заклетвата на новоизбраната претседателка, Гордана Силјановска-Давкова, за време на нејзината инаугурација во неделата, кога кажа Република Македонија, велат грчките медиуми.
„Ова е Договорот од Преспа. Ако имаше пристојна национална патриотска социјална влада, таа ќе го направеше ова“, рекол Велопулос, а потоа го земал грчкиот Државен службен весник со текстот на договорот и го искинал, пренесуваат грчките медиуми.
„Тоа го заслужуваат (во Скопје). Самите го искинаа. Дајте ги сега овде (на ратификација) потпишаните меморандуми. Утре сите ќе ги отфрлиме, бидејќи тие го отфрлија договорот, а не ние“, истакнал Велопулос.
Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, цитиран од грчката телевизија „Скај“, изјавил дека Грција нема да ги ратификува меморандумите склучени со Македонија додека не се увери дека има целосно почитување на Договорот од Преспа од страна на нашата држава.
Грчко решение е партија која на ланските избори беше шеста со освоени 4,44% од гласовите и доби 12 пратеници, а на последните истражувања на јавното мислење во Грција е со зголемен рејтинг што достигнува и до седум проценти.
Во 2018 година, Атина и Скопје го потпишаа Преспанскиот договор со кој Република Македонија се согласи да го смени името во „Република Северна Македонија“, а Грција да го повлече ветото за нашето пристапување кон НАТО и Европската унија.