Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко вчера го прославил 68-от роденден. За прославата тој се пофали преку официјалната фејсбук-страница на Општина Струга.
Таму се објавени фотографии и видеа од целата свеченост. Добил уметничка слика и роденденска торта во форма на бројот 68, колку што прославува години.
-Во текот на годините на јавна служба, г. Мерко покажа стабилно лидерство, бескомпромисна посветеност и висока сензитивност кон потребите на граѓаните и вработените во администрацијата. Хармонијата и меѓусебното разбирање, како и односот изграден врз основа на заемна почит и отворена комуникација, се доказ за вредностите кои тој ги пренесува во секој чекор од институционалното работење. Високо ја цениме плодната соработка и позитивната атмосфера која секојдневно ја негува во институцијата што ја води, мотивирајќи нè за чесна, посветена работа со јасна визија, стои во објавата на Фејсбук- страницата на општина Струга.
Во Основниот суд во Струга веќе почна главната расправа во судскиот процес против Мерко за поставено спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда. Претходно, Судот ја одложи расправата за набавката на луксузен автомобил „Ауди“, која почнува од почеток поради промената на судечкиот судија.
Како градоначалник на Општина Струга, Мерко во март 2024 година поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое, според обвинението, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја. На предлог на Обвинителството одземен му е пасошот и треба еднаш неделно да се јавува во Судот.
Струшкиот градоначалник е на „црната листа“ на САД поради вмешаност во корупција. Против него има поднесено девет обвиненија за несовесно работење во службата.