🎥Мистериозни вреќи со камења по улиците низ Белград пред големиот протест, сомнителни лица фатени со цигли во гаражи

од Nikola Popovski
176 прегледи

Дел од српските медиуми објавија како вреќи полни со камени плочи биле оставени низ белградските улици, поточно на улицата „Светозар Марковиќ“, во близина на Третата гимназија и основното училиште „Владислав Рибникар“. Предвидено е Третата гимназија да биде домаќин на средношколците кои пеш одат кон Белград, по повод големиот протест што треба да се случи во сабота на 15-ти март.

На социјалните мрежи се појавило видео од полицаец кој посетува место каде што се поставени вреќите со камења, а кога една жена изјавила дека „таму долу има многу камења“, тој одговорил: „Па, има, има камења низ целиот град“. На прашањето кој го собира, полицаецот одговорил дека не знаат, пренесува „N1“.

Претходно од организацијата „Еко стража“ објавиле видео на социјалните мрежи на кое се гледа како непознати лица вадат цигли од багажникот на автомобил во гаражата под Пионерскиот парк каде што се сместени „студентите кои што сакаат да учат“ и се спротивставуваат на студентите кои секојдневно блокираат и бараат смена на актуелниот српски државен врв.

На видеото снимено од „Еко стража“ се гледа како неколку мажи вадат цигли од багажникот на автомобилот, а организацијата тврди дека ги носат циглите во Пионерскиот парк.

Градските советници и активисти во последните денови апелирале до градските власти да ги отстранат бетонските блокови лоцирани на плоштадот „Никола Пашиќ“, поради загриженоста за безбедноста на граѓаните на протестот во сабота во Белград.

Слични содржини