🎥Објавена снимка од нападот на бугарската амбасада, МНР го осуди инцидентот

Непознато лице ја скршило стаклената влезна врата на Амбасадата на Бугарија, која се наоѓа во центарот на Скопје

од Nikola Popovski
26 прегледи

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го осудува инцидентот што се случи вчера во кој непознато лице скрши стакло на објектот во кој е сместена Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Од МНР велат дека ваквите поединечни акти на вандализам се неприфатливи и се спротивни на принципите на меѓународното право, како и на одредбите од Виенската конвенција за дипломатски односи.

-Воедно, информираме дека Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки за целосно расчистување на случајот. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции во насока на брза, ефикасна и транспарентна постапка за утврдување на одговорноста, стои во соопштението од МНР.

Непознато лице ја скршило стаклената влезна врата на Амбасадата на Бугарија, која се наоѓа во центарот на Скопје. Ова го покажуваат фотографиите што ги објави Министерството за надворешни работи на Бугарија, проследени со остра реакција, нарекувајќи го овој чин како напад на нивната држава. Во реакцијата на официјална Софија се вели дека ова е неприфатлив напад врз статусот на дипломатската мисија и грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи…

Претходно од Министерството за внатрешни работи информираа дека инцидентот бил забележан преку видео-надзорот на амбасадата, при што службеник за безбедност пријавил дека едно лице оштетило стакло на влезната врата на објектот. Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на сторителот и за целосно документирање на настанот.