Овации и аплауз за Јован Костадинов од Виница кој е еден од хероите на големата трагедија во Кочани. „Херојот“ како што го нарекува речиси цела држава беше пречекан од повеќе ученици во дворот на гимназијата Ванчо Прке во Виница. Јован успешно се опорави откако првично беше згрижен во Клиничкиот центар во Скопје.
Во објавеното видео на социјалните мрежи, Јован вели дека е добар и дека се опоравил. Дел од учениците на гимазијата истакнале и транспаренти за негова поддршка, а добил и меченце во чест на херојскиот потег.
Јован дал голем придонес во спасувањето на повредените кој во моменти на хаос, страв и паника успеал да влезе во дискотеката и да спаси многу животи. Во повеќе објави на социјалните мрежи, граѓаните му се заблагодаруваат на Јован, за кого велат дека е „тивкиот херој“ на колективната трагедија што ја обви цела земја во темнина, му се восхитуваат и ги повикуваат властите да му доделат орден за храброст.
„Беше надвор за време на пожарот, успеа да најде вода во близина, ја натопи маицата, ја стави на лице и без двоумење влезе внатре низ страничната просторија за да спаси луѓе“, стои во една од објавите на социјалните мрежи.
За неговиот подвиг сведочи и мајката, Јадранка Бреслиева која тврди дека Јован ѝ го спасил детето и на грб го однел во болница.
„Со голема благодарност и емотивна почит, би сакал да го споделам херојскиот чин на Јован Костадинов од Виница, кој не само што ги спаси животите на 21 деца во трагичната несреќа во ноќниот клуб во Кочани, туку го спаси и мојот син. Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж. Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, се до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот“, објави меѓу другото мајката.
Еден од хероите е и Илчо Гочевски. Возачот на Брзата помош, кој на 16 март над 20 часа превезувал повредени лица по пожарот во кочанската дискотека, а починал кога си дошол дома, ќе биде постхумно одликуван, најави министерот за здравство Арбен Таравари.