🎥По хаосот на мечот со Галатасарај, Мурињо реагираше во свој стил

од Vladimir Zorba
29 прегледи

Централна тема во Турција е прекинатиот натпревар меѓу Галатасарај и Адана.

Дуелот беше прекинат во 30. минута, кога гостинските фудбалери решија да го напуштат теренот по наговор на нивниот претседател.

Причината е досуден пенал во корист на лидерот на табелата. Малку е нејасно зошто фудбалерите на Адана се решија на овој чекор дури по половина час игра со оглед на тоа што пеналот беше досуден во 12. минута.

На овој начин се фрли уште една дамка на турскиот шампионат, а вакви и слични работи се случувале и претходно. А фокусот моментално е на двата најдобри клуба од оваа земја, Фенербахче и Галатасарај.

Очекувано, по скандалот на натпреварот кој го одигра нивниот најголем ривал Галатасарај, се огласи првиот човек на Фенербахче, Жозе Мурињо. Во свој стил тоа го направи со објава на Инстаграм.

Харизматичниот тренер најпрвин објави слика на која аплаудира, а потоа и видео од контроверзниот пенал, по што Галатасарај поведе против Адана со голот на Алваро Мората. И сето тоа со музика во позадина и песната „Call the police“.

Што се однесува до прекинатиот натпревар, според турските медиуми, тој ќе биде регистриран со службен резултат во корист на Галатасарај (3:0), додека на Адана најверојатно ќе и бидат одземени два бода.

Тоа нема да биде проблем за гостите со оглед на тоа што се приковани на дното на табелата и најверојатно од следната сезона ќе играат во втората лига на турскиот фудбал.

Слични содржини