🎥Проруските Бугари протестираа против воведувањето на еврото, запалена вратата од зградата на Европската комисија

од Nikola Popovski
33 прегледи

Околу 1.000 жители на Софија се судриле со полицијата за време на демонстрациите во главниот град на Бугарија против плановите на Владата на земјата да го воведе еврото. Демонстрантите се собрале пред канцеларијата на Европската комисија во Софија и фрлале црвена боја и петарди врз зградата, по што ја запалиле влезната врата.

Набрзо пожарот бил изгаснат, а полицијата ги потиснала демонстрантите. Соопштено е дека неколкумина од нив се уапсени, а неколку полицајци се повредени.

Протестот, организиран од проруската националистичка партија „Преродба“ на контроверзниот Костадин Костадинов, почнал претходно денеска пред седиштето на Бугарската народна банка. Демонстрантите побарале оставка од Владата, извикувајќи „Не за еврото“ и „Да за бугарскиот лев“ – што е валутата во Бугарија.

Костадинов порачал дека неговата партија бара референдум за да донесе одлука за пристапување во еврозоната.

„Ако нема референдум, ќе ја блокираме работата на Народното собрание“, рекол Костадинов, чија партија е трета по големина во парламентот.

Бугарија, која се приклучи на ЕУ во 2007 година, во последниве години беше зафатена од политичка нестабилност. Новата влада, формирана минатиот месец, го наведе членството во еврозоната како клучен приоритет. Сепак, не се сите убедени дека Бугарија е подготвена да влезе во еврозоната. Некои економисти тврдат дека земјата нема економски услови за влез во еврозоната и се уште не е подготвена да ја усвои единствената валута.

Но, Владата, поддржана од другите проевропски партии во парламентот, ја нагласува политичката важност од усвојувањето на еврото како уште еден чекор кон продлабочување на европската интеграција во услови на растечки геополитички тензии.

Слични содржини