Новиот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше на посета на пунктот за промена на лични документи без закажување во ПС „Пролет“. Како што беше обкавено на неговиот профил на Фејсбук, тој ги слушнал граѓаните кои му се пожалиле што се доведени во состојба да плаќаат за документи што уште им се важечки.
„Како во логор, чекавме и вчера 9 часа, чекаме и денес“, му порачале дел од граѓаните.
Тошковски затекнал и дека не работат сите 12 места за фотографирање за лични документи.
Техничкиот министер вчера вети дека ќе направи сè што е во негова моќ за да им помогне на граѓаните да не останат заглавени и без лични документи. Поради тоа, денеска оствари средба и со амбасадорката на Република Грција во земјава Софија Филипиду.