Активисти од 44 земји неодамна се собраа во Тунис за да се подготват за координирано патување преку море со цел пробивање на израелската блокада на Газа.
Станува збор за лица од Европа, Африка, Азија, Латинска Америка и арапскиот свет.
Меѓу нив ќе биде, како што најави, и шведската активистка Грета Тунберг, која неодамна ја посети Македонија.
„На 31 август го започнуваме најголемиот обид досега за пробивање на нелегалната израелска опсада на Газа со десетици бродови што пловат од Шпанија. Ќе се сретнеме со уште десетици на 4 септември што пловат од Тунис и други пристаништа. Исто така, мобилизираме повеќе од 44 земји за истовремени демонстрации и акции за прекин на соучеството во знак на солидарност со палестинскиот народ! Придружете се на оваа иницијатива во овој одлучувачки момент!“, порачала Тунберг преку својот Инстаграм профил.
View this post on Instagram
Мисијата предводена од цивили ќе носи пакети со храна, медицински материјали и други основни производи.
Организаторите велат дека акцијата е целосно мирна и ненасилна, а повеќе од 6.000 активисти од 44 земји веќе се регистрирале онлајн за да учествуваат во настанот.
Првите бродови ќе испловат од шпанските пристаништа на 31 август, по што ќе следи второ лансирање од туниските пристаништа на 4 септември.
Објавата доаѓа откако израелските поморски сили го пресретнаа хуманитарниот брод Хандала додека се приближуваше кон Газа на 26 јули, следејќи го до пристаништето Ашдод. Бродот се приближи на околу 70 наутички милји од енклавата, надминувајќи го растојанието што го поминал Маделин, кој патувал 110 милји пред да биде запрен, според Меѓународниот комитет за прекин на опсадата на Газа.