🎥Вилт Чемберлен: Легендата што ги прекина границите на кошарката, има спиено со 20.000 жени, а Шварценегер го кренал со една рака

од Љубиша Владимиров
121 прегледи

Еден од најголемите кошаркари во историјата, Вилт Норман Чемберлен, познат како Вилт Чемберлен, и денес останува легенда. На 2 март 1962 година, постигна апсолутен рекорд во НБА со 100 поени на еден натпревар против Њујорк Никс, што и денес е најголемиот број на поени постигнат во игра во најсилната лига на светот. Чемберлен се родил на 21 август 1936 година во Филаделфија. Првите знаци на неговиот спортски талент се покажале уште во средно училиште, кога им го привлекол вниманието на голем број на колеџи. На крај, го избрал Универзитетот во Канзас, каде што неговите статистики биле импресивни, со просек од 30 поени и 18 скока по натпревар.

Чемберлен ја започнал својата НБА кариера во 1959 година со Филаделфија Вориорс, каде што заработувал неверојатни 125.000 долари, што во тоа време било многу повеќе од платата на највисоките професионални спортисти. Висок 216 сантиметри и тежок 125 килограми, Вилт бил неверојатно доминантен на теренот, не само по својата физичка атлетичност, туку и по неверојатната ментална сила.

„Еднаш ја заби топката така силно што помина низ обрачот и ми го удри стапалото, скршувајќи ми прстот“, се сеќава поранешниот кошаркар Џони Кер.

Доминантниот Вилт беше познат по своите атрактивни блокади, забивања и уникатни вештини за игра. Иако неговите физички предиспозиции беа извонредни, имал одраз од 121 см, што го става во ист ред со Мајкл Џордан, сепак, единствената слабост која го пратела во неговата кариера биле слободните фрлања, каде што завршил со просек од 51,1 проценти.

Во неговата кариера, Вилт постави рекорди кои тешко ќе бидат срушени: најголем број на поени во една сезона (4029 поени), просек од 50,1 поени по натпревар во една сезона, како и најмногу скокови во еден натпревар (55 скокови). Вилт бил најдобар стрелец во НБА седум сезони по ред, а исто така освојувал два шампионски прстени (со Филаделфија и Лос Анџелес Лејкерс).

Неговата кариера траела 14 години, а по пензионирањето во 1973 година, започнал да се занимава со различни проекти, вклучувајќи и глума. Неговото најпознато појавување беше во филмот „Конан Разурнувачот“ со Арнолд Шварценегер, кој беше фасциниран од физичката сила на Вилт. „Голем обожавател сум на Вилт. Во теретаната, тој вежбаше со тежина која само најсилните можат да ја издржат, а еднаш ме крена со една рака како да сум пердув“, изјави Шварценегер.

Вилт Чемберлен беше познат и по бурниот приватен живот. Тврдел дека спиел со над 20.000 жени, што стана дел од неговиот легендарен имиџ. Почина на 12 октомври 1999 година, на 63-годишна возраст, како последица на срцев удар. Но, и покрај неговата рана смрт, неговото наследство и рекорди продолжуваат да живеат во историјата на НБА и светскиот спорт. Вилт Чемберлен, човекот што ги прекина границите на можностите во кошарката, останува една од најголемите легенди што ја забележала оваа игра.

Слични содржини