Утринава во сервисен центар на Tesla во Лас Вегас изгореле или биле оштетени повеќе возила, а ФБИ не ја исклучува можноста за тероризам, пишува Fox News.
Во инцидентот оштетени се пет возила, а две се опожарени. Спенсер Еванс, специјален агент на ФБИ во Лас Вегас, за новинарите изјави дека инцидентот секако има некои карактеристики на терористички напад, но сè уште е рано да се направи конечна проценка. Заедничкиот антитерористички тим на ФБИ моментално го истражува инцидентот.
Околу 2:45 часот, полицијата во Лас Вегас примила неколку повици во врска со пожари на сервисната станица. Помошник началникот на противпожарната служба Џенифер Вајат изјави дека пожарите биле ограничени на две возила и биле изгаснати пред да стигнат до батеријата. Иако еден осомничен е снимен со камера, полицијата не ја исклучува можноста дека повеќе лица учествувале во нападот. Се уште не е утврдено кои се сопствениците на оштетените возила.
Основачот и извршен директор на Tesla, Илон Маск, го осуди инцидентот, нарекувајќи го луд и длабоко погрешен. Тој, исто така, пренесе постови во кои се нарекува инцидентот терористички чин.
„Ваков вид насилство е неприфатливо, без разлика каде се случува. На оние кои можеби мислат дека вакво нешто е оправдано, па дури и за пофалба, сакаме јасно да им ставиме до знаење дека ова е федерално злосторство. Ќе дојдеме по вас, ќе ве најдеме и ќе ве гониме во целосна мерка на законот“, предупреди агентот на ФБИ.
Од ФБИ, сепак, не сакаа да одговорат на прашањето дали веруваат дека инцидентот е политички мотивиран или дали има некаква врска со администрацијата на Доналд Трамп. Шерифот Дори Корен, рече дека полицијата верува дека осомничениот се приближил до канцеларијата облечен во црна облека и користел молотови коктели и огнено оружје за да го изврши нападот, очигледно.
Корен потврди дека полицијата пронашла неактивиран молотов коктел на местото на настанот, како и докази дека осомничениот испукал најмалку три истрели во различни возила Tesla. Тој, исто така, додаде дека полицијата верува дека ова е изолиран инцидент во овој момент и дека нема дополнителна закана за јавната безбедност.
Меѓутоа, нападите врз канцелариите и возилата на Тесла неодамна се случија и во други држави како Калифорнија и Канзас.