Дерби натпреварот на групата Д меѓу Франција и Холандија беше првото реми без голови во натпреварувањето во Германија, но вкупната просечна ефикасност на ЕУРО и натаму е на високо ниво.
Последниот пресек на ситуацијата, во пресрет на денешните дуели меѓу Грузија – Чешка, Турција – Португалија и Белгија – Романија, вели дека гледачите на стадионите ширум Германија и ТВ публиката во сите меридијани во светот уживале по 2,58 гола по натпревар.
Најмногу во настапите на домашната селекција, со седум гола од офанзивно најпотентната селекција, пред Швајцарија (4), Шпанија (4), Австрија (3), Албанија (3), Турција… Србија е на дното на табелата, со голот на Лука Јовиќ за реми во фото-финишот со Словенците.
„Панцирите“ го имаат и најдобриот голгетер, бидејќи двапати стрелец беше Џамал Мусијала, иако првата позиција ја дели со Словакот Иван Шранц (2). По нив следуваат Унгарецот Варга, Турчинот Ѓулер, Грузиецот Микаутадзе…
Најголем број голмански капитулации од вкупно 54 се случиле помеѓу 16. и 30. минута (13), потоа во интервалот 1 – 15. минута и 61. – 75. минута (по 9), а најретката во прекинот на првото полувреме (2).
ЕУРО 2024 започна на 14 јуни, а завршува со финалето на 14 јули на „Олимпискиот стадион“ во Берлин.