📷📋О2 иницијатива ги објави извештаите за Крива Река во целост: Водата е од петта класа, силно загадена и не смее да се употребува за ништо

од Даниел Ѓорѓиевски
119 прегледи

Анализите на примероците од водите на Тораничка и Крива Река, земени по излевањето од рудникот Тораница, покажуваат алармантно високи концентрации на штетни материи, соопшти О2 иницијатива на својата Фејсбук страница.

Според нив, примероците земени веднаш по инцидентот, на 14 и 15 март 2025, покажуваат дека водата била од петта категорија – многу загадена и несоодветна за било каква употреба, со концентрации на тешки метали и други токсични материи далеку над максимално дозволените граници.

Според О2 Клучни наоди од анализите се:  Во Крива Река, кај село Жидилово, концентрацијата на суспендирани материи била 263 пати над дозволеното, а матноста 17 пати повисока. Во примерокот кај село Узем, кадмиумот бил 22 пати, а оловото 3,7 пати над дозволеното. Во Тораничка Река, близу влезот во рудникот, кадмиумот бил 77 пати, а оловото 5,3 пати повисоко од дозволеното. Примерокот кај Крива Паланка покажал 14 пати повеќе цијаниди, 10,2 пати повеќе олово и 19,2 пати надминување на амониумот.

Од иницијативата истакнуваат дека Државниот инспекторат за животна средина не зел примероци од реките веднаш по инцидентот, што отвора прашања за ефикасноста на институциите.

 „Водата во Тораничка и Крива Река на денот на инцидентот била токсична, опасна за живиот свет и неупотреблива за било каква намена. Бараме независно супервештачење на теренот за да се утврди степенот на загаденост и изворот на загадување“, порачуваат од О2 иницијативата.

Слични содржини