Александар Јовановски, советник во Советот на општина Куманово денеска објави документи за, како што го нарече, најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово во организација на Максим Димитриевски и неговиот кум и бизнис партнер Драган Митевски.
„Документот е полномошно со кое кумот на Димитриевски, Драган Митевски, му дава овластување на „Лидл“ да постапува за измена на ДУП-от. Односно, Лидл во име на Драган Митевски има право да иницира постапка за измена на ДУП во општина Куманово“, вели Јовановски.
„Сега замислете, Драган Митевски, кум на Максим, преку ноќ купил земјиште од Димитриевски и неговото семејство за 250.000 евра. Неколку дена подоцна, го продал на Лидл за 600.000 евра со што заработил 350.000 евра со нула инвестиција, преку ноќ. Потоа ги овластил купувачите да спроведат постапка за менување на ДУП кај неговиот кум Димитриевски. Постои ли поочигледен судир на интерес и корупција?
Да биде скандалот поголем, при првото гласање н Советот на општината за измената на ДУП-от, кое подоцна е поништено, за ДУП-от и негова измена гласал и братот на Драган Митевски, Дарко Митевски, кој е координатор на советничката група на ЗНАМ. Не се знае кој повеќе е заглавен во конфликт на интереси во овој случај, крајот не може да им се фати.
Откако сфатиле дека тоа не може да помине, на второто гласање Максим се договора со советниците на ДУИ и тие му го гласаат ДУП-от. Сè уште молчи Максим што тоа им е ветено на советниците од ДУИ. Му даваме уште еден ден, а потоа ќе го објавиме неговиот договор и за оваа работа“, истакна Советникот.