Во текот на минатата недела, царинските службеници на Меѓународниот аеродром Скопје и на граничните премини открија повеќе обиди за криумчарење, при што беа запленети значителен број непријавени производи.
При контрола на патници, откриени се пет мобилни телефони iPhone 16 на македонски државјанин, кој допатувал од Истанбул. На прашањето дали има нешто да пријави, патникот изјавил дека носи само слатки, но при проверка на неговите куфери, пронајдени се непријавените телефони. Против него ќе биде поведена прекршочна постапка.
Исто така, четири рачни часовници Rolex беа запленети од македонска државјанка, која имала намера да отпатува за Милано. Непријавените часовници се привремено задржани, а против неа ќе биде покрената постапка.
Царинските службеници запленија вкупно 16.250 евра од три македонски државјани при излез од државата на граничниот премин Табановце. Во сите случаи, патниците не поседувале документи за потекло на средствата, поради што дел од средствата биле привремено задржани и ќе им бидат поднесени прекршочни пријави.
Запленети се и 20.184 таблети (XARELTO, JARDIANCE, NEXIUM, LAROXYL, DAROB, BEKONIS, PLAGUENIL, GLAVUS MET), 2.880 капсули (МUSCOFLEX, QALYUIZ, URSACTIVE), 159 инекции (LANTUS SOLO STAR, RIF), 35 пакувања креми (FUCIDIN 2%, DERMOVATE 0.05%, FOSTER, METRIN 5%), 12 туби гел (VOLTAREN EMUL GEL %1, FENISTIL), 37 спрејови (MOMETIX AQ 0.05%, VENTOLIN), 36 ампули NOOTROPIL, 28 пакувања сирупи (CONVULEX, TEGRETOL, VENTOLIN, NOOTROPIL, ZIMAKS, AERIUS) и 14 лосиони MOMECON 0.15%, откриени при контрола на автобус со турски регистарски таблички, кој сообраќал на релација Истанбул – Призрен, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Лековите ќе бидат задржани, а против водичот на автобусот ќе биде покрената постапка.
На границата беа откриени 16 уметнички слики, разни риболовни производи, облека, обувки и козметички производи, кои исто така не беа пријавени. Против возачите на возилата ќе бидат поведени прекршочни постапки за секој од овие случаи.
Царинската управа заплени и 1.183 детски собни влечки и 1.536 детски чизми со ознаки на заштитени трговски марки, за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.
Сите запленети производи ќе бидат предмет на дополнителна истрага и постапка согласно законските прописи.