Во реонот на резерватот „Јасен“, во текот на вчерашниот и денешниот ден припадници на Командата за операции од воздух и копно учествуваат во гасење на шумскиот пожар, при што се исфрлени 102 тони вода.
Како што објави армијата на Фејсбук страницата, во рамки на воздушната интервенција со хеликоптер Ми-8МТ биле реализирани вкупно 46 водени исфрлања (ведра), со што биле испуштени околу 102 тони вода.
„Во гаснењето на овој пожар се вклучени и припадници на баталјонот на специјални сили „Волци“, кој во тесна координација со припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ беа ангажирани на уредување на тешко прооден и стрмен терен со цел спречување на понатамошно ширење на пожарот“, посочува АРМ.
Хеликоптерот на АРМ дејствува во соработка со Центарот за управување со кризи.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов во пладневната изјава информира дека денеска имало шест пожари на отворен простор. Од нив само два се активни, останатите се изгаснати.
Кај „Јасен“ има една активна линија на пожарот, од ловиштето кон ресторанот над езерото Козјак.
„Нов пожар којшто се појави во текот на вчерашниот ден е пожарот во атарот на селото Беловодица, општина Прилеп, којшто се одвива на поголема височина на тешко пристапен терен, поради што денеска упативме да дејствува еден „ер-трактор“ којшто им помага на прилепските пожарникари“, објасни Ангелов.