Лука Модриќ, еден од најголемите фудбалски мајстори на нашето време, денес за последен пат како играч пристигна во тренинг кампот на Реал Мадрид. Тоа не беше обичен ден – навивачите со транспаренти и аплаузи го пречекаа својот херој, испраќајќи го со порака што зборува сè: „Модриќ е вечен“. По речиси 13 сезони во белото на „кралевите“, 39-годишниот хрватски ас ја затвора една од најславните страници во историјата на клубот.
Outside of Valdebebas today… 🤍🇭🇷 @alvaro_esteban6 pic.twitter.com/NwBazWGCR6
— Madrid Xtra (@MadridXtra) June 13, 2025
Со Реал освои вкупно 28 трофеи, меѓу кои и шест титули од Лигата на шампионите, четири трофеи од Ла Лига, пет титули од Светското клупско првенство и бројни други. Во 2018 година, го доби највисокото индивидуално признание – Златната топка, со што ја прекина долгогодишната доминација на Меси и Роналдо.
На теренот за Реал одигра повеќе од 500 натпревари, но она што навивачите најмногу ќе го паметат не се само бројките – туку харизмата, борбеноста и класата со која ја носеше „десетката“.
Florentino Pérez x Luka Modrić 🤍 pic.twitter.com/7bbyVihwg0
— Madrid Xtra (@MadridXtra) June 13, 2025
Модриќ се најде во составот за претстојното Светско клупско првенство, каде Реал ќе се соочи со Ал-Хилал, Пачука и Салцбург во групната фаза. Се очекува неговото официјално збогување да се случи по завршувањето на турнирот. Претседателот на клубот, Флорентино Перез, лично се појави во кампот за да му оддаде почит на Модриќ и уште еднаш да му се заблагодари за сè што направил за клубот.
Иднината на хрватскиот ветеран сè уште не е дефинирана, но се шпекулира дека е блиску до трансфер во италијанскиот Милан. Каде и да продолжи, едно е сигурно – во срцето на навивачите на Реал Мадрид, Лука Модриќ останува засекогаш.