📷 Пронајдена рачна бомба кај Крива Паланка – безбедно отстранета од страна на ДЗС

од Марта Пешевска
16 прегледи

Денеска, на 29 мај 2025 година, околу 12 часот, во месноста Маала Лубарци, кај селото Длабочица во општина Крива Паланка, беше пронајдено неексплодирано убојно средство – одбранбена рачна бомба од германско потекло, за која се претпоставува дека потекнува од времето на Втората светска војна.

Бомбата претставувала сериозна закана по животот и здравјето на луѓето, како и по околното материјално добро, бидејќи неексплодираните убојни средства секогаш носат ризик од ненадејна активација.

На местото веднаш интервенирал тим на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), предводен од искусниот пиротехничар Ѓорѓи Стефанов од Битола. Тој, заедно со својот колега, прво извршил детална проверка на состојбата на бомбата за да се спречи евентуално активирање. Потоа, средството било внимателно подигнато и пренесено на безбедна локација, од каде ќе биде уништено согласно процедурите и распоредот на ДЗС.

Од Дирекцијата упатуваат силен апел до граѓаните: доколку се забележи сомнителен предмет што личи на бомба или друго убојно средство – не го допирајте, не го поместувајте, туку веднаш пријавете на бројот за итни случаи 112.

На тој начин се заштитувате себе си, вашето семејство и целата околина. Екипите на ДЗС, во координација со Центарот за управување со кризи (ЦУК), Министерството за внатрешни работи (МВР) и други надлежни институции, ќе ја преземат потребната акција за безбедно отстранување на опасноста.

Слични содржини