📷 Во вчерашото невреме летаа кровови и во Кисела Вода, а се „запалија“ и Фејсбук групите

од Илинка Илиоска
480 прегледи

Во вчерашното невреме што го зафати Скопје, Центарот за управување со кризи примило пријави за 35 паднати дрвја, 15 бандери, 21 оштетен покрив, 10 поплавени домови и 2 оштетени возила. Најпогодени беа населбите Аеродром, Ново Лисиче и Маџари, каде што беа евидентирани најголемиот дел од штетите. Граѓаните од Кисела Вода исто така не беа поштедени од последиците на невремето.

„До денеска паѓаа стакла и се ронеше зидот од Градинаров при мало невреме, денес и кровот им летна во куќите околни“ напиша загрижен жител во Фејсбук групата „Ѕидот на Општина Кисела Вода“ и сподели фотографии, по што следеше канонада од коментари од граѓани кои застанаа во одбрана на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Жестоката дискусија дали Ѓорѓиевски треба да дојде на лице место и да понуди помош на жителите и кој е одговорен за штетата често личеше на „пожар“ во кој се бришеа коментари и се блокираа профили на лица кои се членови на групата, а кои имаат критички став кон работата на  градоначалникот.

„Значи админите бришат сѐ што не им одговара. Колку инфантилно“, се само дел од коментарите.

Жители на Инџиково, Ченто, Трубарево и на Хиподром посочија дека како да поминало торнадо во нивните населби, кое оставило пустош зад себе. Жителите посочија на надвиснат електричен столб над улицата во Маџари.

Невремето со град и силен дожд по 17 часот предизвика проблеми во електродистрибутивната мрежа. Поради дефект на двата 110-киловатни далекувода што ги снабдуваат трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“, жителите на Ново Лисиче и на Аеродром петнаесет часа беа без електрична енергија. Екипите на Електродистрибуција и МЕПСО работеа цела ноќ на санирање на дефектот, па вчера околу 10:00 часот струјата се врати во домовите на жителите на овие населби.

Слични содржини