Лидерот на Левица, Димитар Апасиев денеска информираше дека еден од основачите на партијата е полициски службеник од Тетово кој активно учествувал во одбрана на земјата во конфликтот од 2001 година. Лицето сега е кандидат за советник во Советот на Општина Тетово.
„Се сеќавате ли на оваа славна фотографија од Војната против учките 2001 – кога сакаат да фрлат бомба врз пунктот на бранителите (а која идеше на CNN, BBC и сите светски медиуми)… Епа, човеков на сликава – храбриот полицаец чичко Тоше, кој со палица се тепаше со терористите – е еден од основачите на Левица и сега е на нашата советничка листа за член на Советот на Општина Тетово!
Затоа, не му верувајте на вмроидниот бизнисмен Мицика кој се откажа од Западна Македонија и ве тера да гласате за необалистот Биљал Касами – најголемиот антимакедонец на Балканов и пошироко! Гласајте си за Левица во недела (и за градоначалник + и за советници), оти таму го имате најпатриотското и најдоброто од вашиот град“, порача Апасиев во јавната објава.
Фотографијата е од 14 март 2001 година кога беа убиени две лица при обид да фрлат рачна бомба „кашикара“ на полицискиот пункт веднаш наспроти градскиот стадион во Тетово. Настанот беше проследен со видео запис од еден странски камерман.