Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ја објави локацијата на вчерашниот напад кој го претрпе заедно со нејзиниот тим при увид на дивоградба во општина Чаир. Таа притоа информира дека дивоградбата е пријавена веќе подолго време.
„Небезбедни згради градат со брзина на молња, пријавена е на самиот почеток, уште малку ќе ја завршат и сѐ уште никој не постапува, па ќе прашаат каде бевте кога почна да се гради? Пријавено во МВР, дива градба небезбедна без проект нема платено комуналии кон градот, крадење струја, крадење вода, поткопување на темели на бетонските столбови и инсталациите на струја со што има потенцијална опасност од пожар. Ете јас сум на крај на мандат, не се кандидирам, ама вие сте на почеток на мандат зошто не постапувате?“, прашува Арсовска.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата “Севастополска”. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да и се заканува, по што и физички ја нападнал.
Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот, пред се поради ризикот да го повтори, односно да го изврши делото со кое се заканувал, но и поради опасноста од бегство.
За вториот осомничен се предложени мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување и воспоставување контакт со градоначалничката и другите оштетени, забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, одземање на патната исправа и повремено јавување кај определено службено лице во судот.