Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски објави на социјалните мрежи дека платил казна за сторен сообраќаен прекршок, со што, како што вели, ги демантира наводите и обвинувањата дека се поставил над законот. Тој на својот официјален Фејсбук профил истакна дека „сите сме еднакви пред законот и дека и секој може да погреши“.
-Категорично ги демантирам сите објави низ социјалните мрежи со кои се прави кампања против мене и се наведува дека јас сум се поставил над законот. Тоа е апсолутно неточно. Пред законот сите граѓани сме еднакви. Да,направив сообраќаен прекршок. Човек сум и јас можам да погрешам. Но, верувам во ред, одговорност и еднаквост пред законот.
Токму затоа, казната за сторениот сообраќаен прекршок ја платив веднаш, без двоумење. Секој од нас треба да биде пример, коректор на себе, а потоа и пример за другите.
Не се кријам , не се оправдувам и не барам никаква привилегираност. Во животот никој не е безгрешен, но чесноста, праведноста и коректноста, секогаш мора да бидат патиштата по кои ќе избереме да се движиме, стои во објавата на Коњановски.
Според објавата на градоначалникот, прекршокот е сторен во текот на вчерашниот ден на 17-ти јули, но, замаглен е делот од казната каде што пишува „опис на прекршокот“.